РЕКОНСТРУИРАН БАЗЕНОТ ЗА ФИЗИКАЛНА ТЕРАПИЈА ВО БОЛНИЦАТА СВЕТИ ЕРАЗМО
Струга, 16 јуни 2021 Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион успешно ja заокружи реконструкцијата на базенот за физикална терапија во специјалната болница Свети Еразмо, со што се создадени услови пациентите од установата, но и од поширокиот регион, да можат да ги користат специјалистичките услуги на овдешните стручњаци за лекување на болести поврзани со нарушените моторни функции кај човековото тело.
– Со проектот, чија вкупна вредност е осум милиони денари, извршено е осовременување на машинскиот и базенскиот дел од опремата, поставени се нови сончеви колектори, а направени се зафати и кај електричните инсталации и врз самиот градежен објект со цел да се подигне неговата енергетската ефикасност. Со извршените интервенции, како што истакнуваат од Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, целосно е осовременето работењето на базенот за физикална терапија, при што трошоците за неговото функционирање ќе бидат незначителни за специјалната болница Свети Еразмо. Средствата за овој проект се обезбедени од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа, и истиот е избран преку регионалните форуми на заедницата, што е специфика во работењето на донаторите од Швајцарија.
– Од болницата Свети Еразмо, која одбележува 71 година од своето формирање, не го кријат задоволството што базенот за физикална терапија е завршен, и наскоро планираат да го стават во функција за потребите на нивните пациенти. Над десеттина години ваквите услуги не беа вршени заради големите трошоци на установата, но сега состојбата е променета, така што не постојат пречки услугата да биде достапна и за други корисниците од пошироката заедница. Притоа, тука, во прв ред, се најмладите кои се почесто се судираат со различни видови на деформитети.
Според информациите, донаторите од Швајцарија, ќе ја продолжат соработката со македонската страна, така што во следните три години, најавена е поддршка за нови инвестициски проекти во осумте региони во државата.
No comment yet, add your voice below!