23 март, Вевчани Центарот за развој на Југозападниот плански регион изврши воведување во работа на економскиот оператор Тане 2007 кој, по пат на спроведена тендерска постапка, е ангажиран за партерното уредување на Туристичкиот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани. Објект чија корисна површина е 1.400 м2 е наменет за културни и едукативни активности, има галерија за промоција на богатото културно наследство на Вевчани, музејска просторија за презентирање на флората и фауната од заштитеното подрачје Споменик на природа „Вевчански извори“ и планината Јабланица.
Согласно изготвената проектна документација на дворното место со површина од 910 м2 ќе биде поставен декоративен камен, ќе се изградат пристапни патеки до главниот и помошниот влез, простори за одмор, ќе биде поставена урбана опрема и осветлување, а ќе се изврши и хортикултурно уредување на просторот.
Вкупната инвестиција за дворното уредување на Туристичкиот центар е 4,6 милиони денари и истите се обезбедени преку Програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.
Покрај во Вевчани, во рамките на проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, што го реализира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, активности се спроведуваат во Охрид, Струга и Центар Жупа.
No comment yet, add your voice below!