Во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, во Битола, се одржа заедничка средба со претставниците на 18 -те општини што им припаѓаат на двата региони со цел да ја договорат динамиката и постапките што треба да бидат преземени од страна на градските совети за формирање на заедничко јавно претпријатие кое во иднина треба да управува со отпадот во Југозападниот и Пелагонискиот плански регион. Активирањето на претпријатието е предуслов што го бара Европската банка за обнова и развој за одобрување на заем во висина од околу 30 милиони евра, што ќе бидат наменети за три кључни инвестициски зафати поврзани со менаџирањето со отпадот.
За изградба и опремување на т.н. прва ќелија од централната постројка која ќе биде подигната во близина на Новаци ќе бидат наменети 9,5 милиони евра, со напомена дека во следната фаза би се подигнале уште две ќелии за што ќе бидат инвестирани дополнителни 13,6 милини евра.
Согласно концептот за успешно справување со отпадот и намалување на трошоците планирана е изградба и опремување на пет претоварни станици во Дебар, Кичево, Охрид, Битола и Прилеп, за што споменатите општини, во најскоро време, ќе треба да обезбедат соодветни локации. Претоварните станици ќе чинат 5,7 милиони Евра.
За осовременување на работењето на постојните јавни комунални претпријатија, од двата Региони, ќе бидат вложени околу 6,7 милиони евра. За камиони од различна големина, соодветно на барањата на општините, ќе бидат наменети 6,2 милиони евра, а останатиот дел ќе бидат употребени за набавка на садови од по 120 литри за домаќинствата и контејнери од 1,1 метри кубни. Предвидено е поголемите општини – Охрид, Струга и Кичево да добијат по шест камиони, Дебар и Македонски Брод по 2, а останатите четири – Вевчани, Дебрца, Пласница и Центар Жупа по едно возило. За селекција на отпадот во домаќинствата ќе бидат дистрибуирани околу 7.800 канти и 50 контејнери, соодветно на големината на општината.
Јавните комунални претпријатија остануваат значајна алка во системот на интегрираното управување со отпадот бидејќи тие и понатаму ќе го собираат отпадот, а истиот ќе биде селектиран од страна на домаќинствата и останатите корисници. Предвидено е ЈКП-ата да можат селектираниот отпад да го продаваат со цел да остваруваат дополнителни приходи.
Останува во следниот период, Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со општините од двата региони, да ги донесат потребните акти за формирање на регионалното јавно претпријатие, за кое е постигната начелна согласност да биде со седиште во Новаци, каде ќе се наоѓа и централната постројка на регионалната депонија. Патем треба да се спомене дека механичкиот и биолошкиот третман на отпадот е планирано да се имплементира подоцна бидејќи станува збор за голема инвестиција која не може да биде опфатена во рамките на заемот од ЕБОР.
No comment yet, add your voice below!