Струга, 15 април 2022 Во организација на Министерството за надворешни работи, Бирото за регионален развој и Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, во хотелот Изгрев во Струга, се одржа ДИПЛОМАТСКО-ЕКОНОМСКИ КАРАВАН, со учество на поголем број на амбасадори и претставници на дипломатскиот кор во државава на кој беа презентирани и промовирани економските потенцијали на домашните фирми, како и можностите за инвестирање со цел да се поттикне регионалниот развој во ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион.
Околу 20-тина претставници на амбасадите од државата, во рамките на караванот, ги посетија Кичево, Охрид и Струга при што остварија средби со стопанствениците и градоначалниците од Регионот.
Финалниот настан се одржа во Струга, каде што свои обраќања имаа заменикот министер од МНР, Фатмире Исаки, директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, претседателот на Советот за развој на Југозападниот плански регион, д-р Рамис Мерко, како и директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, м-р Мирјана Лозаноска. Едногласна е оценката дека економската клима може да се подобри преку инвестиции во внатрешноста на државата и зголемување на средствата од националниот буџет во програмите за рамномерен регионален развој, а со цел надминување на диспаритетите помеѓу регионите.
Во контекст на подобрување на регионалниот развој меѓу Министерството за надворешни работи и Бирото за регионален развој беше потпишан Меморандум за соработка. На настанот со свои штандови и презентации се претставија и дел од фирмите од охридско-струшкиот микро регион.
No comment yet, add your voice below!