Охрид, 03 јуни 2022 Во присуство на претставници на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Изведувачот на работите – фирмата Маркоски К73 ДООЕЛ Струга, Надзорниот орган – Столб ДООЕЛ Битола и крајниот корисник – Општина Охрид, денес, е извршен технички прием и официјално пуштени се во употреба краците 2,3 и 4 од улицата „Даме Груев“ во населбата „Христо Узунов“. Над 5.000 жители од оваа населба добија современи сообраќајни решенија во должина од 677 метри, при што за пешаците е овозможено да користат тротоари, а покрај тоа уредено е и едно јавно паркиралиште.
Во фазата на изведувањето на работите беше констатирано дека кракот 3 е без атмосферска канализација, додека на кракот 2 граѓаните од колективната зграда што се наоѓа во непосредна близина се соочуваат со проблеми при големи врнежи од дожд бидејќи олуците не беа спроведени во постојната мрежа. Благодарејќи на разбирањето на Општина Охрид, која обезбеди средства за оваа намена, паралелно се изведени и овие работи со што надминати се проблемите со атмосферските води во населбата.
Реконструкцијата на работите на улицата „Даме Груев“ е дел од проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, што го имплементира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој. Вкупната инвестиција е во висина од 11,6 милиони денари, при што 10,6 милиони денари се средства од националниот буџет, а останатите како партнер во проектот ги обезбеди Општина Охрид.
Во рамките на овој проект на Центарот за развој на Југозападниот плански регион во Охрид активности се вршат и на дел од улицата „Момчило Јорданоски“ кон Бараките, каде што се изведува атмосферска канализација за да потоа биде извршено асфалтирање и изведба на нови тротоари. Покрај во Охрид, реконструкција на сообраќајници и улици се вршат и во стариот дел на Струга, партерно се уредува Туристичкиот центар во Вевчани, а веќе целосно е реконструиран локалниот пат за населбата Бајрамовци во Центар Жупа.
No comment yet, add your voice below!