Центарот за развој на Југозападниот плански регион, во рамките на регионалниот проект „Подобрена енергетска ефикасност во ЈЗПР и искористување на ОИЕ“, ги заврши активностите за реконструкција на кровот и фасадата на ОУ „Јунус Емре“ во с.Лисичани-Пласница.
Во периодот на летниот распуст, во овој училишен објект, се изврши целосна реконструкција на кровниот покривач како и изолација на самиот кров и реконструкција на надворешната фасада со нова термо фасада. На кровот е поставен нов кровен покривач од пластифициран лим, хидроизолација од тер хартија и термоизолација од камена волна во површина од 1168 м2. Додека, во надворешниот дел од ѕидовите, е изработена нова термо фасада од стиропор од 10 цм во површина од 815 м2, со стиропор од 3 цм површина од околу 95 м2, и фасадно цокле од 69 м2. Вкупната инвестиција за овој зафат е околу 6,5 милиони денари, финансирани од Бирото за регионален развој преку програмите за рамномерен регионален развој за 2022/2023 година.
Во рамки на истиот проект, веќе се завршени активностите во Општина Македонски Брод – реконструкција на Општинското Собрание, Општина Дебрца – реконструкција на општинската зграда, Општина Вевчани – реконструкција на кујната на детската градинка, додека во тек е реализацијата на активностите во Општина Кичево – инсталација на 6 фотоволтаични системи во 6 објекти, Општина Струга – реконструкција на ОУ „Св.Климент Охридски“ и ПОУ „Бафтјар Бануши“, а се чекува за брзо време да започне и реализацијата на активноста во Дебар и тоа реконструкција на ОУ „Саид Најдени“.
No comment yet, add your voice below!