На ден 20 ноември во Скопје, во организација на Канцеларијата на UNDP од Скопје, беа претставени 13-те грантисти – општини и центри за развој од државата кои, во рамките на првиот повик организиран како дел од фондот за техничка документација се подржани за изработка на документација за приоритетни инфраструктурни проекти на локално и регионално ниво. Еден од грантистите е и Центарот за развој на Југозападниот плански регион, кои во пет општини од регионот ќе ја подобрува патната и комуналната инфраструктура. Со околу 4 милиони денари добиени преку Шведската влада, Бирото за регионален развој и со учество на партнерите во проектот ќе се изработува техничка документација на потребите на Охрид, Вевчани, Дебар, Кичево и Пласница.
На вчерашниот настан свои обраќања имаа министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, раководителот за развојна соработка на Шведска, Микаел Атерхог, постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи.
Притоа, беше истакнато дека општините треба да посветуваат поголемо внимание и да одвојуваат доволно средства за изработка на техничка документација бидејќи само на тој начин може да се подобруваат условите на локално и регионално ниво.
Од страна на проект менаџерот на одделот “Democratic Governance” при UNDP, Јованка Стојанова беше направен осврт кон првиот повик од втората фаза, а беше најавено дека во текот на јануари 2024 г. ќе биде објавен вториот повик за изработка на техничка документација за тематската област – подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во државава.
No comment yet, add your voice below!