Центарот за развој на Југозападниот плански регион со Бирото за регионален развој, потпиша договори за три регионални проекти, со што во Регионов ќе бидат инвестирани 58,5 милиони денари. Средствата се обезбедени од националниот буџет преку Програмите за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој.
– Со проектот за поставување на фотонапонски панели на јавните објекти ќе бидат вложени 18,8 милиони денари во четири општини од Регионот: Струга, Дебар, Македонски Брод и Пласница. Комплетни системи за производство на електрична енергија ќе добидат 11 јавни објекти. Максимално од овие системи во идеални временски услови и во најсончевиот период од денот ќе можат да се добијат 376,6 kWp, информираат од Центарот за развој на ЈЗПР.
– Вториот проект опфаќа реконструкција на локалната патна мрежа во четири општини од Регионот: Вевчани, Дебар, Центар Жупа и Пласница, каде што ќе бидат вложени 20,8 милиони денари. Интервенции ќе се вршат на улици и патишта во должина од 2,4 km, при што првенствено ќе се врши подобрување на коловозната конструкција, преку поставување на нов асфалтен слој. Се со цел да се подобри пристапот до туристичките локалитети и да се овозможи подобра туристичка понуда и во внатртешноста на Регионот, велат од Центарот за развој.
– Околу 18,8 милиони денари ќе бидат вложени во проектот за подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Кичево, Вевчани, Дебрца и Охрид. Во Кичево ќе се реконструира горниот кат на објектот што го користи Советот на Општината и каде е сместена дел од општинската администрација. Во Вевчани ќе се врши реконструкција на системот за греење во детската градинка „Планински цвет“, а дел од зафатите опфаќаат замена на столарија и интервенции на подови и ѕидни површини. Во Дебрца постојниот објект што го користи Општината ќе добие термо фасада, нова електрична инсталација, водовод и канализација, како изолација на подови и тавани. Во Охрид во двете детски градинки – Лихнида” и “Росица“ целосно ќе се реконстрираат санитарни јазли со што значајно ќе се подобрат условите за работа и престој на околу 420 корисници.
Тимот на Центарот за развој заедно со општините од Регионот паралелно го водат процесот на подоготвка на регионални проекти по Програмата за РРР на МЛС и БРР за 2024-2025 година, според која планирани се инвестиции од околу 58 милиони денари. Најголем дел од нив ќе бидат наменети за подобрување на локалната патна инфраструктура, како и за подигнување на условите во животната средина и на енергетската ефикасност на јавните објекти, соопштуваат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
No comment yet, add your voice below!