Skip to content

Интензивни активности за реконструкција на кардиологија

ДАТУМ

ноември 1, 2023

Категории

Вработените и пациентите во Болницата за кардиолошки заболувања во Свети Стефан во Охрид веќе ги почувствуваа ефектите од зафатите за нејзина реконструкција. Според зборовите на директорката на институцијата д-р Елена Коваческа – Башуроска значајно е намалена потрошувачката на нафта, при што во моментов сосем доволно е централното греење  да биде во функција два до три часа во текот на денот. Значаен е фактот  што топлината не се губи во објектот, и покрај тоа што во моментов не е целосно завршена термо-изолацијата на фасадата.  Вработените се задоволни од работата на изведувачот на фасадниот дел од објектот, бидејќи како што истакнуваат со зафатите имаат многу поблагопријатни услови за работа.

 

– Како што истакнуваат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион, кој го координира проектот, се очекува за околу еден месец целосно да бидат завршени работите за замена на вратите и прозорците со нова ПВЦ дограма, како и завршните работи на фасадата. Паралелно ќе течат и работите на кровот од објектот, при што најпрво ќе се извршат интервенции во поткровната конструкција, а потоа ќе биде поставен и нов покривач. Со овие зафати се очекува за околу 30 проценти да бидат намалени вкупните трошоци за болницата, во прв ред за греењето, но и за потрошувачката на електрична енергија и вода.

 

Доколку временските услови во следниов период се поволни, работите за целосна реконструкција на болницата се очекува да бидат завршени за околу три месеци, со што објектот ќе може да добие енергетски пасош. Во реконструкцијата на болницата се вложени околу 15 милиони денари, при што поголемиот дел на средства се добиени како грант од Швајцарската конфедерација и од централниот буџет на државата, а свое учество има и болницата и Општина Охрид. Дел од средствата ќе бидат наменети за набавка на нова медицинска опрема, како и софтверски решенија што ќе го подобрат секојдневното административно работење и следење на историјата на пациентите.

 

Проектот за реконструкција на болницата му е одобрен на Центарот за развој на Југозападниот плански регион во рамките на Грантовата шема за инвестициски проекти од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.

Споделeте:

Share on email
Email
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp
Share on telegram
Telegram

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

I accept the Privacy Policy